Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од генералниот секретар Оливер Спасовски, денеска е помеѓу граѓаните од населените места во реканскиот крај, општина Маврово Ростуше.

Печалбарите, нашинците коишто заминале во странство, да заработат за достоинствен живот и се вратиле во овој летен период во родниот крај, со задоволство коментираат дека истрајноста и упорноста на Зоран Заев за промени во Република Македонија им влева надеж.

-Чув таму, во туѓина, дека кога беше најтешко, во зимата, кога немаше струја со денови, и во Жировница ама и во целата општина, само Зоран Заев дошол да ги посети овие населени места, оставени од власта на милост и немилост. Понудил помош и помогнал колку што можел. Ама сега гледам дека Заев доаѓа и кога нашите се вратени во родниот крај, кога семејствата се собираат. Тоа е искрена грижа, коментираше жител на Жировница.
Заев се заблагодари за поддршката и рече дека СДСМ, заедно со граѓаните, ќе продолжи да ги води процесите за нормализација на Република Македонија.
-Тука сме пријателски, другарски да поразговараме за сите важни прашања за вас и за државата. Сега клучно е да ја вратиме државата во нормала за да може да ја градиме Македонија како вистинско граѓанско општество на кое граѓаните ќе му бидат на прво место, рече Заев.
Во Ростуше претседателот Заев размени мислења околу актуелните политички случувања во земјава. Со нашинците од странство разговараше и околу модалитетите за гласање на дијаспората.
СДСМ смета дека гласањето на дијаспората треба да се задржи но со одреди измени согласно укажувањата на меѓународните организации и извештаи.
-Нашинците во странство, коишто им помагаат на своите семејства, но индиректно ја крепат и економијата на државата треба да имаат можност да влијаат и на процесите во државата. Затоа предлагаме решенија коишто ќе гарантираат демократски промени во гласањето на дијаспората и коишто ќе бидат во интерес на сите граѓани, рече Заев.
И во Требиште и во Велебрдо се жалат на тешкиот живот, егзистенцијалните проблеми и секојдневните тешкотии.
-Многу ни значат овие средби со вас. Можеме слободно да размениме мислења и заедно да бараме начин за подобрување на условите за живот. Кога ќе дојдеме како нова власт, ќе може да кажеме дека заедно сме решиле некој значен проблем, сме ги подобриле работите заедно, рече Заев.
