Заев за Глигоров: На денешен ден е роден еден од великаните на современата македонска историја

од Nikola Popovski
300 прегледи

„На денешен ден е роден Киро Глигоров (1917-2012), еден од великаните на современата историја на нашата земја и на вековниот стремеж за самостојност на македонските граѓани. Од НОБ и АСНОМ, чијшто учесник беше, и за време на неговите два мандати како претседател во најважните мигови за создавањето на самостојната македонска држава, претседателот Глигоров речиси половина век беше во врвот на нашата политика“, објави премиерот Зоран Заев на социјалните мрежи.

Според него, под мирната рака и водство на Глигоров, и покрај сите предизвици, го чекоревме цврсто и непоколебливо нашиот пат кон светската заедница на независни, прогресивни и демократски држави.

„Од неговите политики и јавни настапи ќе бидат запаметени многу искажани визии како онаа од претседателскиот инаугуративен говор на 27 јануари 1991 година: „Ќе бидеме разбрани и почитувани, а нашите интереси респектирани од светот доколку се развиваме како демократско општество, способно да ги уредува внатрешните односи по мирен пат, развивајќи секој вид толеранција – верска, национална, политичка. Ние живееме на балканските простори, на кои се испреплетени многу народи. Секој сака да ја сочува својата самобитност, својата историја и национален дух, а тоа е можно само низ висок степен на разбирање и толеранција и без било каков обид да се загрози соседот, просторите на кои живее и неговите длабоко всадени корени“.

Денес, со својот придонес, поранешниот претседател Киро Глигоров, е дел од остварените стратешки цели на нашата земја. Република Северна Македонија е суверена и самостојна земја, членка на НАТО, земја која ги и исполни највисоките критериуми за слобода, демократија и владеење на правото и го очекува стартот на преговорите со ЕУ. Просперитетна земја, која оди напред и отвора нови можности за нејзините граѓани“, стои во објавата на премиерот.

Слични содржини