Заев за „Јавна соба“: Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго

256 прегледи
Во рамки на актуелизираната тема со „Јавна лица“,  јавноста се крена на нозе, па оттаму по претседателот Пендаровски, на својот фејсбук профил по однос на ова прашање се огласи и премиерот, Зоран Заев.
„Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување.
Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело.
Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани. Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела.
Се надевам дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денес ќе одговорат на нашите бројни барања и ќе почнат да соработуваат. Сакам да упатам порака и до сите наши граѓани кои споделуваат слики и содржина на таа група во сопственост на други сограѓани, во истиов момент да престанете да го правите тоа и да излезете од таа група. На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите.
Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите надлежности во земјава е влезено во трага на дел од лицата кои недозволено објавуваат фотографии и вознемирувачки содржини и се преземаат соодветни мерки и активности во врска со случајот. Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот Јавна соба. МВР работи во координација со Јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите.
Имам порака за охрабрување и за жртвите на ова насилство. Ќе ги преземеме сите неопходни чекори да ве заштитиме и да ги казниме сторителите на овие грозни дела. Упатувам поддршка и до сите што покажаа солидарност и осуда за ваквите појави. Така го правиме нашето општество посензибилизирано за овие појави кои мора секогаш да бидат обесхрабрени и осуетени во нивните намери.
Заштитата на приватноста е дел од генетскиот запис на секој човек, и денес, кога се одбележува Денот на заштита на приватните податоци, уште еднаш се соочуваме со заканите од глобални размери и уште еднаш сме повикани сите ние силно да застанеме против оваа појава“, стои во објавата на фејсбук профилот на Заев.

Слични содржини