Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС), преку платформата Зум, денеска одржи јавна дебата на тема „Како да се намали загадувањето на воздухот?“.
Целта на дебатата беше граѓански активисти и претставници на институциите и инспекциските служби заеднички и транспарентно да ги разгледаат мерките за намалување на загадувањето и проблемите кои ја попречуваат нивната примена.
Татјана Стојановска од „Независните од Карпош”, советничка во Општина Карпош, посочи дека самото загадување на воздух не можете да го дефинирате само со еден сегмент, односно греење или само индустриски загадувачи. Наведе дека во Општина Карпош има и диви депонии кои треба да се исчистат, на на тие места да се направат зелени површини. Укажа дека за сето тоа е потребен многу поголем број на луѓе што ќе ја вршат функцијата на инспекција и контрола во рамките на Општината, таа, како што рече, недостасува и мислам дека е најгорлив проблем со решавање на загадувањето.
– Загадувањето во Скопје доаѓа од самото тоа што временските прилики не дозволуваат голема проветреност на воздухот. Со тоа ние мора да ги намалиме емисиите, ама емисиите не само во еден сегмет, туку во сите сигменти, рече Стојановска.
Таа, во однос на работата на Општината, напомена дека мора да постои соработка меѓу останатите општини, барем со соседните бидејќи воздухот не стои, загадувањето се пренесува од една во друга општина.
– Притисокот, пред мислам дека пред се треба да биде на институциите, на реално регистрирање на загадувачите во реално време и што побрзо санкционирање, на друг начин нема да имаме некои поголеми резултати, оцени Стојановска.
Таа упати апел до Град Скопје за обезбедување на алтернативен превоз на граѓаните, бидејќи сегашниот влијае на загадувањето на воздухот.
Јане Димески од „Шанса за Центар”, советник во Општина Центар, нагласи дека освен што после 10 години дискусии за загадувањето, политичарите почнале да се осврнуваат на таа тема, не забележува поместување на декларативното ниво.
– Општина Центар веќе го губи целиот простор кој евентуално може да се користи за да се апсорбира загадувањето на воздухот. Изгубивме огромни површини. Сетоа тоа е покриено со асфалт за паркинзи или со станбени згради. Тоа е насоката во која уште се движи општината, секоја празна површина се пополни со зграда и тука не гледам како тоа воопшто може да го сопреме, односно да збруваме за намалување на загадувањето ако постојано трупаме нови луѓе, нови автомобили и се намалува целата површина којашто потенцијално би можела да не штити од нешто, нагласи Димески.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска рече дека сериозен потфат во справувањето со аерозагадувањето е чистењето на дивите депонии. Повеќе насоки ќе чека од Еко советот кој треба да се формира наскоро.
-Она кое знам дека треба да се направи е овој систем на мерки да биде комплементарен, да се надополнуваат меѓусебно и да можеме во некој период од следните шест месеци до една година да бидат применети и следната грејна сезона да ја дочекаме без надминување на оние граници кои ги гледаме, додаде таа.
Пред неколку дена Скопје беше најзагаден град во светот според податоците на светскиот сервис „IQair“.