Загарка од Прилеп им ги поремети празниците на активистите: Прифатилиштето за кучиња очекува Кока да биде вдомена

од Илинка Илиоска
187 прегледи

Откако за време на празничинот викенд девојка од Прилеп забележа како човек става во автомобил загарка која повеќе години била маалска миленичка, реакциите на здруженијата за заштита на животните и активистите не стивнуваа. 

„ПОМОГНЕТЕ ДА СЕ НАЈДЕ КОКА која од Прилеп беше насилно одземена. Еден човек тврди дека е негова и си ја вратил, но таа веќе 6 години е чувана единствено од нас станарите. Не може сопственик на куче 6 години да не си го побара, да не е чипирано на негово име и онака насилно да ја влечка и пикне в гепек тоа не е сопственик не ни човек. Плачот на Кока не кажа дека добро ја чувал ако ја чувал некогаш“. овој пост беше масовно споделуван, а некои здруженија дури побараа да реагира и Министерството за внатрешни работи. 

Со коментар реагираше и момчето кое ја зеде кучката која прилепчани ја нарекле Кока. Тој напиша дека кучето било негово и дека му се изгубило пред неколку години. 

Од Прифатилиштето за кучиња ЈКП Комуналец Прилеп за Локално изјавија дека сега Кока е вратена на улица на локацијата каде што живеела. 

„Момчето соработуваше. Тој самиот ни се јави и дојде на клиниката. Ученик е по ветерина и чува кучиња. Ни кажа дека помислил дека е неговото куче, но бидејќи кучето кога било заловено немало чип, не можевме да утрвдиме со сигурност дека било неговото. Инаку според ветеринарната проценка кучето е родено 2021 година“ рече Тања Баралакоска, доктор по ветеринарна медицина. 

Таа истакна дека сега очекува Кока да биде вдомена. 

„Сега, за кучката најдобро би било да си ја вдомат тие што најмногу се грижеле за неа. Тие што ја ранеле, и да си ја чуваат во домашни услови“, изјави Баралакоска и додаде дека тој што ќе сака да ја вдоми ќе треба да дојде на разговор, да пополни со формулар, а потоа да добие сертификат во ветеринарната клиника за префрлање на сопствеништвото.

И.И.

Слични содржини