Холандската амбасада во земјава е загрижена дека ВМРО-ДПМНЕ може да го одложи евроинтеграцискиот пат на С. Македонија кон ЕУ. Вака стои во објавата на Твитер профилот на амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.
-Aмбасадорот Дирк Јан Коп на отворена и конструктивна средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изрази загриженост дека ВМРО-ДПМНЕ може да го одложи пристапувањето кон ЕУ. Со оглед на декларираната посветеност на најголемата опозициска партија, Кралството Холандија повикува на конструктивна соработка кон таа цел меѓу владата и парламентот, е објавено на Твитер профилот на холандската амбасада.
Ambassador Kop in an open and constructive meeting with @MickoskiHM expressed his concern that VMRO-DPMNE may delay EU accession. Given the stated commitment of the largest opposition party, 🇳🇱 urges constructive cooperation towards that goal between government and parliament. pic.twitter.com/Z6JwAiTjQN
— Dutch Embassy North Macedonia (@NLinSkopje) February 9, 2023
Од ВМРО-ДПМНЕ немаше реакција на ваквата објава на амбасадата на Кралството Холандија. Од партијата на Мицкоски преку соопштение наведоа дека на средбата се разговарало за актуелната политичка состојба, како и евроинтегративниот пат на Македонија.
-Претседателот Мицкоски истакна дека односот на бугарските власти кон Македонија и негирањето на македонскиот идентитет, само ја засилуваат ескалацијата на лошите односи помеѓу двете држави, потенцирајќи дека пристапниот пат на државата кон Европската унија не смее да личи на пазар со земјоделски култури на кој се продава и се купува македонскиот идентитет.
Мицкоски го информираше амбасадорот Јан Коп, за високиот степен на корупција и криминал од високи владини функционери, како и дека граѓаните предолго се изложени на лаги од владата на СДСМ и Димитар Ковачевски, укажувајќи дека потребно е одржување на предвремени парламентарни избори и нова влада со луѓе кои ќе стојат зад дадениот збор и ќе ги исполнуваат ветувањата.
Воедно, претседателот Мицкоски се заблагодари за поддршката и ангажманот од страна на Кралството Холандија, изразувајќи верување дека ќе продолжи соработката и партнерството меѓу двете држави, стои во соопштението од најголемата опозициска партија во земјава.