Захариева е разочарана од Димитров

од Nikola Popovski
910 прегледи

Исклучително сум разочарана од незадоволителните одговори на вицепремиерот на Република Северна Македонија за европските прашања, Никола Димитров, кој гостуваше на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур и одговараше на прашања од пратениците, објави на својот Фејсбук профил, поранешната бугарска министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.

-Само јас од бугарските делегати имав можност да поставам прашања поради недостаток на време. Доколку им се дадеше можност на другите мои колеги од бугарската делегација, ќе станеше јасно дека немаме несогласувања по ова прашање, вели Захариева и додава:

-Што го прашав Никола Димитров?

1. Што прави владата на РСМ за да го надмине негативниот тренд поврзан со притисокот и дискриминацијата врз граѓаните на РСМ со бугарско потекло, изразени со закани, злосторства од омраза, посегање по луѓе и нивниот имот, како и говор на омраза од страна на нивните државни службеници?

2. Дали владата во Скопје ќе има намера да ја спроведе резолуцијата на Советот на Европа од 2006 година, со која се бара осуда на тоталитарните режими? PCM е единствената земја со такво минато што се уште не го сторила, ниту пак обезбедила рехабилитација на жртвите од комунизмот. Дали нивната влада има намера да ги отвори архивите со досиејата на поранешните тајни служби за јавноста?

Одговорот на првото прашање беше дека нема дискриминација кон Бугарите. И на второто не слушнав никаков коментар, стои во нејзината објавата.

Таа потенцира дека Бугарија продолжува да ја поддржува Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија во исполнувањето на потребните услови.

-Едно од нив е почитувањето на човековите права на сите граѓани на оваа земја, вклучително и оние кои се идентификуваат како Бугари, напиша Захариева на Фејсбук.

Вицепремиерот Никола Димитров вчера одговори дека во Македонија нема ниту еден единствен пријавен случај за дискриминација врз основа на бугарска националност.

-Оттука, тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања ви се дел од домашна политичка битка или се резултат на некаков меур во кој сте и навистина верувате дека се врши некаква дискриминација. Северна Македонија е мултиетничка држава и за разлика од други земји од регионот, кај нас малцинствата се апсолутно признати со гарантирано право на еднаквост и на самоопределување, кажа Димитров пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде што се обрати како специјален гостин на есенската сесија.

Што се однесува до говорот на омраза, тој одговорно тврди дека од страна на официјални државни претставници нема такви случаи.

Слични содржини