Захарова бара осуда за монструозното злосторство, Медведев бара „смрт за смрт“

Целата светска заедница е должна да го осуди ова монструозно злосторство, истакна Захарова.

од Бети Божиноска

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги повика ОН и целата светска заедница да го осудат „монструозното злосторство“ што се случи попладнево во Москва кога во напад на најмалку три вооружени лица животот го изгубија најмалку 40, а повредени се најмлаку 100 лица.

„Руското Министерство за надворешни работи добива повици од целиот свет од обични граѓани кои изразуваат сочувство во врска со страшната трагедија во „Крокус сити хол“ ​​и најостро го осудуваат овој крвав терористички напад што се случува пред очите на целото човештво. Целата светска заедница е должна да го осуди ова монструозно злосторство!“, истакна таа.

Генералниот секретар на ОН и целата меѓународна заедница треба недвосмислено да го осудат терористичкиот акт, Русија го бара тоа, додаде Захарова.

Претседателот на Комитетот за одбрана во Државната дума, Андреј Картаполов, рече дека „убијците и оние што стојат зад нив ќе одговараат“, додека претседателот на руската Дума, Вјачеслав Володин, нагласи дека „дегенериците кои го извршиле овој монструозен терористички напад мора да бидат уништени“.

Потпретседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, посочи дека „терористите го разбираат само одмаздничкиот терор“.

„Ниту едно судење или истрага нема да помогне ако на силата не ѝ се спротивставиме со сила, а на смртта со егзекуции на терористи и репресии на нивните семејства. Светско искуство. Ако се утврди дека станува збор за терористи на режимот во Киев, невозможно е да се третираат поинаку и тие и нивните идеолошки инспиратори. Сите тие мора да бидат пронајдени и безмилосно уништени како терористи. Вклучувајќи ги и функционерите на државата што изврши такво злосторство. Смрт за смрт“, побара Медведев.

Белата куќа соопшти дека ја следат ситуацијата во Москва и дека видеата кои доаѓаат од руската престолнина се „страшни“. Од Обединетите Нации велат дека ја следат ситуацијата и изразија жалење за смртта на луѓето во „Крокус сити хол“.

Слични содржини