Нападот на Севастопол, во кој беше оштетено седиштето на Црноморската флота, е извршен со помош на специјалци од САД и Велика Британија, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Севастопол повторно беше нападнат на 22 септември и нема ни најмало сомневање дека нападот бил однапред планиран со користење на западно разузнавање, сателитска опрема на НАТО, извидувачки авиони и изведен на иницијатива и во тесна соработка со американските и британските разузнавачки служби. “, рече таа на брифингот, пренесе РИА Новости.
Захарова нагласи дека очигледната цел на овој напад и други слични терористички акти е да се оттргне вниманието од неуспешните контраофанзивни обиди на вооружените сили на Украина и да се заплашат луѓето, да се сее паника во руското општество и на крајот да се дестабилизира внатрешно-политичката ситуација во земјата.
Украинските трупи извршија ракетен напад врз Севастопол попладнето на 22 септември, а руската противвоздушна одбрана собори пет проектили.
Оштетена е зградата на историскиот штаб на Црноморската флота, исчезнат е еден војник, а скршени се прозорците на 10 куќи.
Дел од соборената ракета паднала во центарот на градот, со мерки на претпазливост била отстранета и уништена на полигон. Според британските медиуми, за нападот биле користени ракетите „Сторм“ донирани од Британија.
Лондон одби да ги коментира извештаите.