„На 14 мај беше преземен непријателски чин против руската дипломатска мисија во Северна Македонија. Локалните власти еден од дипломатите го прогласија за „персона нон грата“. Денес руското Министерство за надворешни работи ги осуди ваквите активности и рече дека ќе следат одмазднички мерки“, објави денес портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, преку својот Фејсбук-профил.
Според неа, во Скопје се надеваат дека нема да биде протеран ниеден од двајцата наши дипломати во Москва.
„Министерството за надворешни работи на Северна Македонија одговори дека само 2 нивни дипломати работат во Русија. Во Скопје се надеваат дека Русија нема да протера ниту еден од двајцата како одмазда. Прашање: На што мислеше Скопје кога ја донесе одлуката за протерување на рускиот дипломат? Или пак сме поканети да испратиме други дипломати дома, наместо нивните, кои се малку“, напиша Захарова.
Македонското МНР во вторникот соопшти дека, согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, еден дипломат на Руската амбасада во Скопје е прогласен за непожелна личност. Нотата со која се наложува дипломатот да ја напушти територијата на Северна Македонија во рок од седум дена, му била предадена на рускиот амбасадор во Скопје Сергеј Баздникин во МНР на 14 мај.