Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека Русија не може да ја смета Италија за гарант на потенцијалниот мировен процес во Украина поради пристрасниот однос на Рим кон Москва.
– Очигледно, со оглед на пристрасната позиција на Италија, не можеме да ја гледаме како чесен посредник, ниту како можен гарант на мировниот процес, рече Захарова, а пренесе агенцијата ТАС С.
Италијанската премиерка Џорџa Мелони на крајот на декември минатата година изјави дека официјален Рим ќе ги поддржи сите напори за постигнување мир во Украина и дека е подготвен да биде гарант на мировниот процес.
– Мора да работиме на мирен договор на конкретен начин. Ни требаат сигнали од двете страни. Досега не сме ги виделе, но мило ми е што во разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски слушнав дека има намера да преземе иницијативи во оваа насока. Италија е подготвена да биде гарант на мировниот процес, а јас планирам да отпатувам за Киев пред 24 февруари, кажа Мелони.