Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека одлуката за нападот утринава на мостот на Крим ја донеле украинските власти и армијата, со, како што наведе, учество на американските и британските разузнавачки служби.
„Денешниот напад на мостот на Крим го изврши киевскиот режим. Овој режим е терористички и ги има сите белези на меѓународна организирана криминална група“, напиша Захарова на Телеграм, пренесува РИА Новости.
Таа додаде дека одлуките ги носат украинските официјални лица и војската, со „директно учество на американските и британските разузнавачки агенции и политичари“.
Рускиот национален антитерористички комитет претходно објави дека мостот на Крим синоќа во 3 часот и 5 минути од површината на водата бил нападнат од два украински дрона.
Во нападот загинаа две лица, додека малолетно девојче е повредено и пренесено во болница на реанимација, јавува „Танјуг“.