Коментирајќи ја изјавата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дека „Русија е непријател на Европа“, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави денеска дека Москва не ја заплашувала и нема намера да ја заплашува Атина или други европски земји, но исто така нема намера да толерира „манифестации на нацизмот“, пренесува РИА Новости.
Претходно, на конференцијата на Европската народна партија во Букурешт, премиерот на Грција ја нарече Русија „непријател на Европа“ и вети дека ќе продолжи да ја поддржува Украина „се додека е потребно“, објави грчката јавна телевизија ЕРТ.
„И Третиот рајх беше Европа. За таква нацистичка Европа ние секогаш ќе бидеме непријатели“, истакна Захарова.
Таа го повика Мицотакис да не го изневерува сеќавањето на движењето на грчкиот отпор.
„Во моето советско-руско училиште, на часови по музика ги проучувавме делата на Микис Теодоракис. Ја знаев неговата музика и неговата судбина. Тој беше и непријател на Европа, на нацистичка Европа. Не изневерувај го, Киријакос, споменот на грчкиот отпор“,“ напиша Захарова на својот канал на „Телеграм“, пренесува Танјуг.
Грчкиот композитор Микис Теодоракис беше водач на движењето на отпорот против профашистичката воена хунта во Грција во втората половина на дваесеттиот век.