Лидерката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова праша зошто лидерите на средбата не разговарале „зошто не сме први по растот на плати и за растот на стандардот на граѓаните“. Според неа, ефектот од лидерската средба е дека џебовите на граѓаните повторно се празни, а партиите се договорија за тоа што им требаше.
Вели дека е разочарана зошто на масата во Клубот на пратеници не се разговарало и за економските теми.
„Наместо да зборуваат само за техничка влада и кој ќе добие или не функции, зошто не им текна да разговараат како да имаме помала влада, помалку директори или заменици. Имаме гломазен државен апарат и нека објаснат зошто имаме поголем државен апарат по глава на жител од Велика Британија, а народот се пребројува по џебови за да купи едно ќесе намирници од маркет.
Јас секојдневно одам по маркети и сум меѓу граѓаните и знам дека сите коментираат дека не се излегува. Едно ќесиче од маркет ве чини повеќе од 1000 денари и сите се чудиме што сме пазареле. Еве за тие теми можеше да се разговара“, рече Зајкова во „Тема на денот“.
Лидерката на ЛДП рече дека ќе го поддржи протестот на ССМ за зголемување на минималната плата на 600 евра.
„Јас не знам како министерот за економија не прошета да види дека во Солун има поевтини продукти отколку кај нас. Треба малку да бидеме реални. Ако нема доволни пари за растот на платите, нека ги прифатеа нашите предлози за намалување на паушалите во управните одбори. Таму еднаш месечно се оди за гласање на тоа што ѝ одговара на партијата, а земаат и до две просечни плати. Како тоа ќе го објасниме, а од друга страна нема пари“, праша Зајкова.