„Навистина е прашање колку жртви однесе навистина молкот на институциите?“, праша претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, на тркалезната маса „Предизвици во обезбедувањето поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство“, организирана од Министерството за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски.
„Слушам институциите треба да постапуваат за да има постапки и да има институционална координација. Па ние сме институциите. Кој ве спречува да постапувате?!? Ако бројките покажале дека се зголемува бројот на пријави, очигледно е дека системот мора да постапува и подобро да се координира. Зашто досега не сте се координирале, кој ве спречува?!?“, прашува Зајкова.
„Се согласувам со тезата дека жртвата може да прости насилство, но државата не смее да го прости насилството, затоа што многу луѓе, не само жени, туку и мажи, се срамат да го пријават насилството. Особено кај мажите, егото и срамот, а кај жените гледаме како завршува, а и бројките на жени мора да признаеме се многу поголеми. И тука веќе немаме право на изговори и немаме право на дискусии што треба да се направи или не треба да се направи“, вели Зајкова, додавајќи дека побарала надзорна расправа за конкретно да се знае кој во системот потфрлил, зошто личната одговорност мора да почнеме да ја практикуваме, а не само да анализираме дали е виновен системот или институциите.
„Точно се знае кој во системот, кој во која институција не постапувал, чувал предмети во фиока и тој треба навистина да сноси одговорност за пропустите. Затоа барам таа надзорна расправа да биде во Собранието, каде што ќе дојдат сите и ќе може да слушнеме зошто по одредени предмети не се постапувало. Во последните случаи, не само во случајот што се случи во Карпош, туку и во случаите со серискиот убиец. Значи апсолутно, не може жртва да пријавува следење и никој да не реагира, зошто? Затоа што тој таму бил непресметлив. Што ако е непресметлив? Треба тука да молчиме сите затоа што е непресметлив? Тоа е смешен изговор“, појаснува Зајкова.
На 1 април минатата година Зајкова до Собранието поднесе закон со кој што се бара воведување на електронска нараквица за следење на сторителите. Покрај забраната за приближување, таа нараквица ќе ја алармира жртвата кога сторителот ќе биде во нејзина непосредна близина. Заккоба е убедена дека ако тогаш се усвоеше законот, можеби ќе спречеше дел од имињата кои што денес ги читаме да бидат жртви кои што ќе завршат со фатални последици. Затоа вчера повторно го поднела истиот закон.
„Слушаме дека да, се изрекуваат привремени мерки, но дали некој следи колку тие привремени мерки се почитуваат? Колку привремени мерки се изречени, а сторителот повторно се приближува до жртвата? Па вчера имаше по порталите дека жената побарала од сторителот да престане да ѝ се приближува и да ја малтретира, зошто во спротивно ќе мора да преземе самата мерки. Мора да си признаеме дека државата и те како потфрли и дека крајно време е да не се собираме само на дискусии на кои што ќе кажуваме како треба, туку денеска кога ќе излеземе од тука, да се помислиме и да се преземат конкретни чекори да се утврдуваат веќе конкретни одговорности“, завршува претседателката на ЛДП, Зајкова.