Пратеничката од редовите на ЛДП, Моника Зајкова, во вчерашната дебата на „360 степени“ рече дека политичарите се тие кои први треба да дадат поддршка за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата и ги повика утре да излезат на Парадата на гордоста во Скопје.
Зајкова, е член на интерпарламентарната група за поддршка на ЛГБТИ луѓето и вели дека, иако со бебешки чекори, сепак промени се случуваат.
„Луѓето чудно ги разбираат работите, кога ќе им кажете ЛГБТИ заедница, се шири говор на омраза, но кога индивидуално ќе им посочите некој кој е припадник на оваа заедница, велат да тој е супер човек немам ништо против тоа. Јас имам многу пријатели од ЛГБТИ заедницата на кои навистина не им е лесно во Македонија и мене навистина ме боли кога гледам дека тие сè уште се дискриминирани. Затоа, сметам дека политичарите треба да дадат поддршка на оваа Парада, затоа што ние сме избраници за интересите на граѓаните, а не за она што нас индивидуално нè засега или не нè засега“, вели Зајкова.