Зајкова: Некој не сака легализација на канабисот бидејќи профитот од црниот пазар завршува во нивни џебови

„Очигледно некој не сака да се заврши тоа во државата, туку му одговара вака да го дистрибуира на црниот пазар. И сега ние правиме од сето тоа нели приказни, колку се успешни акциите и се и секој ден билтените ни се полнат“, вели претседателката на ЛДП

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук профил на Моника Зајкова

„Јас искрено веќе немам доверба зашто не се прави легализацијата. Што ние сме направиле? Добро се сеќавам дека сме ги правеле измените и заглавија во Комисијата за здравство, која што беше тогаш предводена од ДУИ. И тогаш веднаш почна да се спинува дека сите ќе станат подложни на опијати, на наркотици“, изјави претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова во гостување на поткастот „Основано сомнение“ по повод последните случувања и големите заплени на канабис во соседна Србија и Македонија.

„Да бидам искрена, бидејќи секогаш сум искрена, а и тоа може некогаш ми е маана, некогаш доблест, но мислам дека не се сака да се реши ова прашање, затоа што на сите тие им одговара да сѐ ова поминува на црниот пазар, бидејќи на крај профитот веројатно завршува во нивните џебови. Може да биде различно ако се легализира“, вели Зајкова и како примери ги посочува Холандија, Белгија, Шпанија, каде што постои одредена регулација, граѓаните имаат одредено право и за рекреативна употреба и можност за одгледување до одреден број на стебла.

„Меѓутоа сето тоа е контролирано државата и на крај бенефит има исклучиво државата. Всушност и кога се започна со работните групи беше повеќе да се направат туристички места, како што е Амстердам и слично, за да се покрене угостителството и слично. Меѓутоа очигледно некој не сака да се заврши тоа во државата, туку му одговара вака да го дистрибуира на црниот пазар. И сега ние правиме од сето тоа нели приказни, колку се успешни акциите и се и секој ден билтените ни се полнат“, вели претседателката Зајкова.

Зајкова не се согласува со лидерот на ДС, Павле Трајанов и посочува дека не треба да оди дискусијата во насока што да се затвори, туку треба да оди во насока на тоа дека еднаш ќе мора да се легализира, да се стави во одредени рамки и да се знае што може, што не може и што е казниво.

На прашање зошто конкретно законско решение не излегло од ЛДП, Зајкова одговара дека во минатиот ЛДП доставила предлог измени до Собранието, кои што останаа заглавени и кога почнува нов мандат, може да се произнесе дали останува на тие закони или тие закони пропаѓаат.

„Јас не видов Собранието да се произнесе до Владата кои закони ќе останат. Не го видов ни овој закон, но е добро што ме потсети, да може да го доставиме пак, бидејќи сега се сменети констелациите во комисиите, па можеби ќе се отвори една посуштинска дебата, што е бенефитот и за државата и за сите нас, а не да го гледаме низ призма пак на спин, дека не знам, ти моето дете сакаш да биде наркоман или слично“, заклучува Зајкова, додавајќи дека е сосема нормално пуштањето во промет над одредена количина е повторно кривично дело и е казниво, но казната мора да биде праведна и соодветна на извршеното дело.