Зајкова од состанокот на АЛДЕ во Хелсинки: Продолжуваме да се бориме за интересите на Македонија

од Vladimir Zorba
15 прегледи

На Советот на АЛДЕ (Алијанса на либерали и демократи за Европа), кој викендов се одржува во Хелсинки, Финска, Либерално-демократската партија (ЛДП), ги предложи и ги промовираше двете итни резолуции кои имаат за цел да го затворат растечкиот јаз меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан – едната за интеграција на Западен Балкан во европскиот одбранбен систем, а другата за забрзано донесување на конкретни придобивки за граѓаните.

„На Советот на АЛДЕ во Хелсинки либерал-демократите уште еднаш ја потврдија својата визија за проширена и обединета Европа, усвојувајќи ја резолуцијата на Либерално-демократската партија (ЛДП) од Македонија, со која што јасно се укажува на проширување на Европската Унија до 2030 година, согласно Копенхашките критериуми”, со почитување на македонската посебност, јазик и идентитет, изјави по состанокот претседателката на ЛДП, пратеничка во македонското собрание и претседателка на Либералите од Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН), Моника Зајкова.

Првата резолуција предложена од ЛДП повикува на итно започнување разговори за вклучување на земјите од Западен Балкан – особено Северна Македонија, Албанија и Црна Гора – во одбранбената архитектура на ЕУ. Тоа подразбира пристап до Европскиот одбранбен фонд (EDF), учество во Постојаната структурирана соработка (PESCO), како и вклучување во клучните индустриски и стратешки иницијативи на Европската Унија, со нагласок дека овие чекори се неопходни за да се отстрани опасниот геополитички вакуум во срцето на Европа.

„Усвоена е уште една резолуција на ЛДП, која што е поддржана и од либерално-демократските партии од регионот на југоисточна Европа, а која што се однесува на целосно интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европскиот одбранбен и безбедносен систем, кој што изнесува повеќе од 150 милијарди евра, но и во системот на слободен роаминг, односно роаминг како дома”, посочува претседателката Зајкова.

Втората резолуција ја нагласува потребата од итно проширување на режимот Роаминг како Дома (Roam Like at Home – RLAH), на земјите од Западен Балкан, особено имајќи предвид дека Украина и Молдавија наскоро ќе бидат вклучени во овој систем. Во резолуцијата на ЛДП стои дека доколку овие земји можат брзо да добијат пристап, нема оправдување тоа да не важи и за регионот на Западен Балкан. Преку резолуцијата ЛДП бара и целосна интеграција на Западен Балкан во ЕУ заклучно со 2030 година исклучиво според мерит систем односно постигнат реформски напредок.

„Продолжуваме да се бориме за интересите на Македонија, на македонските граѓани, но и на сите граѓани во Западниот Балкан. Западен Балкан заслужува да биде успешна приказна во Европа, односно дел од Европската Унија, каде што и припаѓа”, додава Зајкова.

Слични содржини