Централниот одбор на ЛДП синоќа донесе одлука со која дава целосна поддршка на претседателката Моника Зајкова и раководството да ја води и застапува партијата во идните делувања и во јавноста. Од партијата велат дека го разгледале Извештајот за подготовките, настапот и резултатите на партијата за претседателските и за парламентарните избири 2024 година доставен од страна на Централниот изборен штаб.
-Централниот одбор го усвои извештајот, а биле детектирани и укажано на слабостите кои се појавиле во текот на кампањата. ЛДП ја информира јавноста дека во парламентот ќе дејствува независно како и досега, а ќе дадат поддршка на се што значи напредок на државата на реформскиот и евроинтегративниот пат и ќе носи добробит на граѓаните. Исто така, ќе бидеме и гласни критичари на сите закони и политики кои се лоши за државата и ја враќаат назад, потенцираат од ЛДП за состанокот на ЦО на партијата.
ЦО на ЛДП го овластил Генералниот секретар да организира посета на членовите во секоја општинска организација со цел изготвување на темелна анализа за натамошното дејствување и политики на партијата.
Зајкова синоќа ги демантира шпекулациите дека партијата размислува да премине кон мнозинството во парламентот. Според неа, ЛДП не може да не даде поддршка за она што значи кратење на одредени органи во јавната управа или реарганизација, како што додава, нешто што било дел и од програмата на партијата на изборите.
Пред 14-тина дена, лидерката на ЛДП во изјава за „Локално“ ги демантираше наводите дека заедно со пратениците од НСДП ќе се приклучи на новото парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ. За пишувањата на социјалните мрежи и кај одреден дел од медиумите, вели дека се „нарачки од партиски ботови“.
Како што е познато, Зајкова беше коносител на изборната листа на коалицијата со СДСМ во Изборната единица 1, заедно со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, каде покрај нив двајца, влезе уште една пратеничка од партијата од „Бихаќка“. Со прегласувањето имаше надеж дека и нејзиниот сопартиец Боби Мојсовски би можел да добие пратеничко место, но тоа не се случи.