Зајкова: Селективна лидерска не носи ништо за граѓаните

Евидентно беше отсуството на претседателката на ЛДП од лидерската средба иницирана од Мицкоски

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: ЛДП

На денешната лидерска средба, евидентно беше отсуството на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, но и лидерката на ЛДП, Моника Зајкова. Иако од СДСМ децидно одбија присуство, нејасно е отсуството на Зајкова. Во меѓувреме, пратеничката се огласи на социјалните мрежи со коментар за лидерската средба.

„Селективна „лидерска“, по најавите сѐ за политичарите, ништо за граѓаните“, порача Зајкова.

Не е официјално, но можно е работите да се променија откако ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја нападна Зајкова во Собранието во расправата за измените на Кривичниот законик, обвинувајќи ја дека таа била еден од виновниците за претходните измени со тоа што останала во салата за да има кворум.

Во тек е лидерската средба иницирана од премиерот Христијан Мицкоски. На маса реформските закони и укинувањето на техничката влада. Покрај коалициските партнери, присуствуваат и лидерите на Левица и ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети.

ВЛЕН беше претставена од градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, додека ЗНАМ од министерот за јавна администрација, Горан Минчев.