Зајкова: ВМРО-ДПМНЕ создава нереална слика за постоење на политичка нестабилност како очаен обид за поврат на власта

од Берта Китинска
478 прегледи

Собранискиот деловник не препознава, ниту уредува, ниту пак третира термин како “блокада” на Собранието. Собранискиот дом по правило треба да работи во континуитет, без задршка, во интерес на граѓаните, па следствено секоја блокада претставува кочница на дебатата и законите кои треба да донесат подобри животни и работни услови, вели во разговор за „Локално“, пратеничката Моника Зајкова од ЛДП.

Таа посочува дека пратениците се должни да го почитуваат Деловникот и да се придржуваат кон него во својата работа, појанувајќи дека во спротивност ризикуваат поставување на опасни преседани не само за овој, туку и за секој нареден пратенички состав.

-Ризикот од испраќање порака во јавноста дека заобиколувањето на правилата е во ред, а нивното прекршување најнормално, и тоа само за остварување на тесно партиски интереси во обид на собирање на политички поени кај граѓаните е евидентен и голем.Несовесното однесување на опозицијата не прави ништо друго освен што ја отежнува работата на пратениците залудно трошејќи го времето преку бесмислени предлози и процедурални прашања, исполнети со празна содржина, без никакви аргументи кои немаат никакво суштествено значење и поента, освен онаа основната: создавање на нереална слика во јавноста за постоење на политичка нестабилност како очаен обид за поврат на политичката моќ и власт во државата. Од друга страна таквиот однос не само што не е од интерес на граѓаните кои секојдневно се соочуваат со бројни проблеми, туку е на нивна директна штета. Токму затоа ние имаме обврска да бидеме продуктивни како нивни претставници, а не кочничари, подвелкува пратеничката.

Зајкова вели дека се отежнува работата , но во ниеден случај не се оневозможува, бидејќи основната должност на пратениците е да се грижиат за интересите на граѓаните и да не дозволат на нивни грб и на нивна штета да се собира политички поени.

-Апелирам до сите колеги за конструктивност и продуктивност бидејќи немаме право на ништо друго освен она што граѓаните од нас го очекуваат и за што не избрале – да носиме одлуки кои ќе им го олеснат животот. Спротивно секој од нас треба да се засрами за залудно потрошеното време на граѓаните, вели таа.

За тоа дали опозицијата треба да се откажат од платите додека го блокираат Собранието, Зајкова сметам дека пратениците, како и сите луѓе кои работат имаат одреден опис на задачи кои што треба да ги извршуваат на своето работно место и за кое што добиваат плата.

-Пратениците не се привилигирани и за нив треба да важат истите правила на игра, впрочем, нели сите сме еднакви пред Уставот и законите.Оттука на пратеничката совест, но и на сметка на политичкиот легитимитет останува секој од нас да процени дали со своите постапки ја заслужува функцијата која што ја извршува. А, дали нечии политички постапки биле правилни и од корист за граѓаните или не, ќе пресудат самите тие на првите следни избори, вели пратеничката.

Што се однесува до предвремени избори ЛДП на тоа не размислува, подвлекува Зајкова.

-Не за друго, туку нема никаква логика и реална оправданост. Државата се соочува со кризи кои се предизвикани од пандемијата, енергетската криза, војната во Украина и затоа секој сериозен политичар својата агенда треба да ја стави на страна и да се посвети на решавање на проблемите на граѓаните. Предвремени избори дефинитивно не се во корист ниту на државата ниту на граѓаните и истите доведуваат повторно до блокирани институции и повтопрно трошење на народните средства. Крајно време е исклучокот за предвремени избори да престане да се користи и наметнува како правило без причина, смета пратеничката од ЛДП.

Една изборна единица наспроти досегашните шест

ЛДП е потписник на предлог-закон за една изборна единица на која исто така се и ДОМ и ДС, но не се согласува со порадикалниот пристап за напуштање на владејачкото мнозинсто кое Павле Трајанов го најваи во случај ако нема една изборна единица.

-Ние, како пратеници од ЛДП, заедно со другите колеги, сме предлагачи на измените на Изборниот законик, кои предвидуваат воведување на една изборна единица наспроти досегашните шест.Сепак измените на изборниот закон не одат брзо, за тоа се потребни широки политички и меѓупартиски консултации. Факт е дека по тоа прашање се доцни со законското решение, иако истото ќе придонесе за подобрување на парламентарната демократија во државата и ќе поттикне многу позитивни процеси во интерес на граѓаните односно праведно вреднување на гласот, појанува Зајкова.

Пратеничката посочува дека расправата по законските измени е започната пред Комисијата за политички систем во Собранието и дека очекува од сите политички партии да ја препознаат потребата за унапредување на демократијата и соодветна претставеност на граѓаните и да дадат поддршка на овие измени.
-Искрено се надевам дека овој пат филибастерингот нема да се користи како можност за блокирање на овие измени. Сепак како партија не го делиме ставот за порадикален пристап бидејќи гледаме со какви предизвици се соочува државата па како што и претходно напоменав не е време за собирање политички поени и водење партиски агенди, туку е време за сериозно решавање на предизвиците и проблемите на граѓаните, вели таа.

Б.М.

Слични содржини