Мнозинството победи на таа реторика дека ќе репреговара. Сега има комотно мнозинство и може да се изнаоѓаат решенија. Ние сме подготвени да помогнеме со човечки капацитети и идеи доколку сакаат да слушнат некоја идеја од нас. Важно е да најдеме решение, но не само да одиме и да велиме дека го бараме, а да го имаме на маса и да не го прифатиме, вели лидерката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова за евроинтеграциите на Македонија.
Според неа, ЕУ работи на процесот на проширување и повеќе земји имаат предиспозиции да влезат во европското семејство.
-Истото важи и за нас. Дали ќе продолжи Македонија да ги губи неповратните грантови од ЕУ кои треба да ѝ следат, ќе продолжува да зема заеми или ќе се фокусира да најде решение кое ќе им го објасни на граѓаните. Никој не зборува за понижување или негирање на идентитетот. Секој си го сака и се чувствува гордо со тоа што е. Но, говориме за тоа како да обезбедиме раст и напредок на државата и граѓани. Веќе тапкањето во место е неизводливо на долг рок, рече Зајкова во емисијата „Само вистина“.