Неколку германски политичари и канцеларката Ангела Меркел, примија заканувачки писма со бел прав и жилети, соопшти берлинската полиција.

Пратки стигнале во среда и четврток, пред парламентарните избори во недела, а адресирани се до пет луѓе. Сите содржеле бел прав и жилети. Една од пратките е упатена до сопругот на канцеларката, Јоаким Сауер, на нивната берлинска адреса.
Пораките во писмата се напишани на арапски јазик, а потпишани се од германската салафитска заедница која предупредила дека содржината е „смртоносна, не пипај“, прецизира државната телевизија ARD на својата интернет страница.
Полицијата вели дека белиот прав не бил штетен.
Еден од примателите, пратеникот од Зелените, Ханс Кристијан Штребеле за ARD вели дека можеби се работи за манипулација и дека иако пораките се напишани на арапски јазик, праќачите може да се од крајната десница.
Тој потсети на неодамнешната афера на германскиот војник кој маскиран со сириски барател на азил планирал да нападне претставници на левицата.