Закочени судски процеси: За несреќата кај Ласкарци се чека супервештачење 315 дена

од Берта Китинска

Основниот кривичен суд во Скопје за два судски предмети сè уште чека супервештачење. Едно од супервештачењата и по изминати повеќе од 300 дена сè уште не е изготвено, додека пак другото се изработува повеќе од 100 дена, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“, која врши мониторинг на судењата.

Конкретно станува збор за предметот за автобуската несреќа кај скопското село Ласкарци, судски процес во кој 315 дена трае изработката на супервештачењето.

Во тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци која се случи при добри временски услови 13 февруари 2019 година, а според вештачењата имало технички проблеми со автобусот на „Дурмо-турс“ и заштитата на патот, загинаа 15 патници, а над 30 беа повредени.

Вториот случај е „Тендери“, каде што обвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, супервештачењето се работи веќе 110 дена.

Првообвинета е поранешната министерка за култура Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, од проектот „Скопје 2014“. Обвинети се уште двајца членови на Комисијата за јавни набавки.

Слични содржини