„Нема да ви платиме!“, „Крадци“, „Нема правда нема мир!“, Правда, правда, социјална правда!“ извикуваа граѓаните коишто на протестниот марш бараа Уставниот суд да ги укине законските одреби со коишто хонорарците мора да плаќаат дополнителни придонеси.
Граѓанските активисти во 15 македoнски градови собраа 7.000 потписи, а потоа заедно со хонорарците маршираа од новиот објект на Министерството за финансии до Уставниот суд, каде што поднесоа иницијатива, потпишана од 6.040 граѓани за проверка на уставноста на законските измени за плаќање придонеси од невработените граѓани коишто егзистенцијата ја обезбедуваат со хонорарен ангажман.
Непрецизните и нејасни законски одредби, според потписниците на претставките, се дискриминаторски за оваа категорија на македонски граѓани.За власта на Груевски законските измени го решаваат статусот на лицата коишто заработуваат по основ на авторски или друг вид на договор на дело.
Законот, за само три месеци доживеа три измени, и повеќе збунува отколку што регулира. Може да се применува само ако сака да се санкционира, и веројтано само тоа била целта велат протестантите. Ова не е закон, ова е панаѓур од несоодветно подготвена регулатива, не додефинрана со сите можни последици и едноставно неприменлива законска регулатива која ја протрчала владата на Груевски, а парламентот потчинето само изгласал ДА.
Одговорните институции – Управата за јавни приходи и Фондовите за здравствено и за пензиско и инвалидско осигурување признаваат дека не знаат како да го применуваат. Владата и ресорното Министерство не се изјаснуваат зошто нема адекватна методолгија за спроведување на контроверзниот закон, а засегнатите граѓани не знаат што да прават, иако од почетокот на годинава, ниту ги примаат хонорарите од коишто живеат, ниту имаат здравствено осигурување! Со законот поради којшто имаше големи реакции во јавноста, според хонорарците, се ускратува правото на годишен одмор, породилно/родителско отсуство и синдикално здружување..
На бината на протестантите беше поставена „Вагата на криминалот“: од една страна криминалот со сиболичниот лик на премиерот Никола Груевски, а од друга страна – илјадниците претставки на граѓаните..
„Денес сме дојдени, со оваа вага која би требало да ја означи правдата во Македонија. Оваа вага на која стои криминалот од едната страна и граѓаните на другата страна. За кого треба да бидеме? За кого треба да бидат овие судии во Уставниот суд?“, потенцираше Јасмина Голубовска еден од органзаторите од Платформата за граѓанска политика „Ајде“.
