Собранието на Република Македонија вчера со 69 гласа „за“ го донесе Законот за употреба на јазиците. Законот беше изгласан и со двојно мнозинство, односно за него гласаа 27 пратеници од немнозинските заедници, а еден беше воздржан.
На седницата не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои не учествуваат во работата на Парламентот во знак на револт поради притворот на шестмина нивни колеги и други граѓани за учество во инцидентите во законодавниот дом на 27-ми април минатата година.
Неизвесно е дали претседателот Ѓорге Иванов ќе го потпише указот за законот, имајќи ги предвид ставовите од неговото предновогодишно обраќање во Парламентот. Тогаш Иванов кажа дека Законот за јазиците не преставува закана по македонскиот јазик, туку тој преставува закана по унитарноста на државата. Законот, според него, го крши Уставот на Република Македонија
Неговата одлука за законот, рече Иванов тогаш, се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Тој, посочи Иванов, мора да биде во согласност со Уставот и усогласен со македонските закони.
– Јас сум претседател на сите граѓани и сакам унапредување на употребата на јазиците на сите заедници, вклучително и на албанскиот јазик, истакна Иванов.
Според него, барањето за двојазичност е апсолвирано со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Рамковниот договор, каде што се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија.
Дебатата за законот за јазици во Собранието почна на 5 септември минатата година во собраниската Комисија за европски прашања, а парламентарното мнозинство ја усвои потребата од негово носење на 15 ноември лани.
Пратеникот од ДУИ Артан Груби изјави дека со донесувањето на Законот за употреба на јазиците се заокружува нормативниот дел од Охридскиот рамковен договор.
Сега на ред е законот да го потпише претседателот на државата.Судејќи според неговите изјави тој нема да го направи тоа и тој повторно че се врати во собраниска процедура, каде што ќе биде реализирано уште едно гласање по кое претседателот на држават не мора да го потпише и тој стапува на сила.
Следната очекувана пречка за негова примена ќе биде проверка на неговата уставност, но тоа нема да ги сопре процесите на неговата инплементација.
Како што наведува во образложението од Министерството за правда, со Законот за употреба на јазиците се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, (албански јазик).