Законот за амнестија не доби поддршка од пратениците, само 17 гласаа „ЗА“

од Nikola Popovski
200 прегледи

Предлог-законот за амнестија не помина пред пратениците на денешната собраниска седница. Претседателот на Собранието, Талат Џафери констатираше дека „за“ гласале 17 пратеници, а „против“ 66 пратеници од вкупно 84 присутни. Тројца биле воздржани. Со тоа предлогот на Владата не беше усвоен.

Министерот за правда, Кренар Лога денеска на пратениците им подели фотографии кои ја отсликуваат состојбата во затворите.

Од Министерството за правда посочуваа дека со законот ќе се постигне и ресоцијализација, и растоварување на сегашните капацитети на казнено поправните установи од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна. Дополнитело додаваа дека со ослободување на лицата осудени со помали казни, ќе се спречи и криминална инфекција на оваа категорија лица.

Од осамостојувањето на Македонија до денес се донесени повеќе закони за амнестија, со кои било изразено правото на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела. Првиот закон за амнестија е донесен во 1991 година, друг во 1999, во 2002 и во 2003 година (ревидиран во 2004 година). Два закона за амнестија се донесени и во 2018 година. Со првиот беше амнестирана група на правосилно осудени лица со цел нивна ресоцијализација и растоварување на затворите. Вториот се однесуваше на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените кривични постапки и целосно ослободување од казната затвор на лица за кои постоело основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Последниот од низата закони за амнестија беше донесен годинава за лица осудени (во екот на ковид-пандемијата) со правосилна пресуда на парична казна за кривични дела од членот 205 „Пренесување заразна болест“ и членот 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Слични содржини