Собранието на Северна Македонија денеска треба да ја одржи 57. седница на која меѓу точките на дневен ред се и измените на Законот за работни односи во второ читање со кои се предвидува недела да биде прогласена за неработен ден.
Предложеното законско решение е ставено како втора точка, а според образложението, одредбите од законот треба да почнат да важат од 1 јануари.
Според анализите на Министерството за труд и социјална политика, за над 92 проценти од вработените во државата недела ќе биде ден за неделен одмор.
Со измените на законот беше предвидено работниците коишто ќе работат во недела ќе добијат поголема дневница и слободен ден, што ќе може да го користат во наредните седум дена. Станува збор за работните места каде што не е можен прекин на техничко-технолошкиот процес.
Исклучок се 42 дејности каде работниот процес не може да биде прекинат. Во тој случај работниците на работниците ќе им следува додаток на плата за работа во недела и тие ќе добијат опција да имаат слободен ден во текот на неделата. Со законските измени се предвидува повисока дневница за 100 отсто во моловите, но и за 50 отсто во дејностите каде не смее да се прекинува работата, плус еден слободен ден во текот на работната седмица.
Оние што ќе работат во недела, ќе добиваат повеќе пари. Газдите, пак, што нема да го почитуваат овој закон ќе добијат клуч на врата на фирмите и плус парични санкции.
Исклучок од неработењето во недела се продавници и штандови за продажба на сладолед, колачи, весници, апетисани во туристички центри, продавници во трговските центри, кои може да работат само една смена – од 10 до 18 часот, штандови за време на саеми и други настани, продавници за трговија на мало каде што трговијата ја врши сопственикот.
Пратениците ќе расправаат и за други законски решенија меѓу кои и за измените на Законот за основно образование, за законите за финансиска поддршка за намалување на на последиците предизвикани од пандемијата врз производството и откупот на земјоделските производи и врз производството и откупот на грозјето. Собранието треба да се изјасни и за Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата во меѓународната операција „Алтеа” во Босна и Херцеговина.