Многу внимателно го работевме законот за верските училишта односно законот за проодност на учениците од верските училишта, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска со законот, усвоен во Собранието на 29 јули, кој им овозможува на учениците од овие училишта да полагаат државна матура и да се запишуваат на универзитетите како и учениците од другите видови образование – гимназиско, стручно и уметничко.
Одговарајќи на новинарски прашања денеска на прес-конференција посветена на резултатите од државната матура, Јаневска посочи дека консултурале многу литература и закони од околните држави – Бугарија, Србија, Албанија, Хрватска, Словенија, како и од Германија и Англија и земји од ЕУ.
-Видовме дека тие држави на многу сличен начин го решаваат верското образование кај нив самите. Се потрудивме да го направиме да биде уставен и, ако добро го читате законот, нема мешање на државата во верското образование, односно овој закон не ја нарушува секуларноста на државата. Но, за тоа образование, за да може да обезбеди проодност на учениците понатаму на висоокообразовните институции, државата дава предлог како може да се направи. Доколу верските училишта сакаат, ќе го почитуваат законот и ќе можат учениците да пристапат кон полагање на државна матура со што би можеле да продолжат и на другите факултети освен на теолошките, рече Јаневска.
Додаде дека доколку училиштата не одберат да работат по овој закон, „тие се сосема одвоени, ќе си имаат само верско образование“.
Дел од експертската јавност е против ваквата одлука на МОН. Според професорот Илија Ацески, Македонија е секуларна држава, односно земја каде што државата и верата треба да бидат поделени и дека не треба да има мешање.
Со сличен став и универзитетската професорка и екс-кандидатка за претседателка на државата, Билјана Ванковска. Според неа, одлуката е нарушување на секуларизмот во државата и дека уште повеќе ќе ги продлабочи разликите. Во изјава за „Локално“, порача дека одлуката на Владата да ги интегрира верските (средни) училишта во државниот образовен систем е проблематична од повеќе аспекти.