Општините од наредната година ќе добиваат повеќе пари од даноците кои ги собира државата. Со измените на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, кој помина на владина седница и ќе биде поднесен на усвојување во Собранието, се предвидува повеќе пари да се влеваат во општинските каси од персонален данок и од данокот на додадена вредност (ДДВ).
Со законските измени што ќе следат се очекува зголемување на транспарентноста на работењето на општините, со што општините ќе имаат обврска на транспарентен начин да објавуваат финансиски податоци на своите веб-страници, како и зголемена отчетност во трошењето на сите средства кои се доделени од страна на државата.
Наместо 3 отсто од персонален данок, општините догодина ќе добиваат 4 отсто, во 2023 пет отсто, а во 2024 процентот кој ќе оди кај Општините по овој основ ќе биде 6 отсто. Поголем процент од парите кои државата ќе ги собере од ДДВ исто така ќе се даваат на Општините. Наместо сегашните 4,5 отсто, во 2022 процентот ќе биде пет, во 2023 ќе биде 5,5, а во 2024 шест отсто.
Новина во Законот е што покрај Основниот фонд, ќе има Фонд за перформанси и Фонд за изедначување. Обезбедените средства ќе се распределуваат во три фонда. Основен фонд – 4,5 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен претходната фискална година, Фонд за перформанси – 0,75 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен претходната фискална година и Фонд за изедначување – 0,75 отсто од наплатениот данок на додадена вредност остварен претходната фискална година, започнувајќи од 2024 година.
-Локалните самоуправи ќе имаат на располагање три кредитни инструменти и ќе можат да користат еден од нив со цел надминување на проблемите со доспеаните, а ненаплатени обврски. Тоа се условен кредит (standby) што ќе се користи од општините, а ќе се даде од Министерството за финансии, односно централната власт. Вториот инструмент е издавање општинска обврзница за познат купувач. Во овој случај општините ќе издваат свои обрзници, а познатиот купувач ќе биде Министерство за финансии и структурна обврзница, што ќе ја издаде Министерството за финансии за општините, рече министерот за финасии Фатмир Бесими. Додаде дека овие инструменти ќе бидат со времетраење до 10 години, а ќе се склучи договор за реализација меѓу ресорното министерство и општините.