Заменик-началник на полицијата во Нови Сад: За 15 минути може да се исфрлат 100 „усташи“ од факултет

Потпретседателот на Српската народна странка, Бора Новаковиќ, на социјалните мрежи објави фотографија од екран за која тврди дека прикажува објава на Момчило Совиљ, заменик-началник на Полициската управа Нови Сад.

од desk4
18 прегледи

Во објавата, како што наведува Новаковиќ, стои дека „за 15 минути може да се исфрлат 100 усташи од факултетот во Нови Сад“, пренесе телевизијата Н1.

Новаковиќ ја поврза пораката со полициската интервенција што се случи претходниот ден, кога полицијата со сила ја прекина студентската блокада на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Тој постапувањето на полицијата го оцени како неприфатливо и политички мотивирано.

„Постапувањето на полицијата претставува простаклук и отсуство не само на професионалност, туку и на разум“, напиша Новаковиќ во својата објава.

 

Тој додаде дека, според негово мислење, е неопходно да се спроведе лустрација, со цел сите одговорни за насилство, кршење на човековите права и незаконско постапување кон студентите и граѓаните да бидат санкционирани.

„Затоа е потребна лустрација, за сите виновници за насилство, кршење на човековите права и противправна репресија врз студентите и граѓаните да завршат таму каде што им е местото, надвор од службата и во затвор“, наведе Новаковиќ.

Потсетуваме дека студентските протести во Србија започнаа по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, пред повеќе од една година, при што загинаа 16 лица. Студентите и голем број граѓани на Србија и натаму бараат одговорност за трагедијата.