Три се можни причини за испадот во системот на електрична енергија што се случи неодамна – немањето корисник, немањето трансфер на енергија, но и зголемениот број фотоволтаични централи во земјава, кои се новина во системот, изјави заменик-министерот за енергетика, Мирослав Лабудовиќ на денешната седница во Собранието, одговарајќи на пратенички прашања.
Според него, во иднина ќе треба да се направат дополнителни инвестиции за да се спречат вакви испади, но како што рече, добро е што веќе се има искуство како да се реагира доколку ваков испад се повтори.
-Битола 2 трансформатор 2 испаѓа во 2:59, Скопје 1 трансформатор 1 испаѓа бо 3.35 , потоа Штип и Скопје повторно. Причина, според МЕПСО, е висок напон. Од инжинерски аспект можам да кажам, се уште нема извештај од МЕПСО, кој има рок од 7 дена за доставување, дека тоа може да се случи поради немање конзум односно корисник, поради немање трансфер на енергија, реално нема во Македонија реално кој знае каква индустрија и таа што е почнува да работи во прва смена од 6 часот, но и поради зголемениот број фотоволтаични централи кои во тој период не работат, инверторите генерираат реактивна енергија која може да доведе до зголемување на напонот, појасни Лабудовиќ.
Добро е, додаде тој, што во нашиот случај заштитата реагирала и не е оштетена опремата и во тој момент државата работи како островски систем и снемува струја, бидејќи треба да направиме дополнителни инвестиции да го решаваме овој проблем, затоа што фотоволтаичните централи од 1 гигават се, како што рече, нов удар и нова ситуација за енергетскиот систем.
-Не можам да предвидам дали би имало повторно, но, можам да уверам дека е научена лекцијата од овој случај и во тој момент МЕПСО ќе може полесно да манипулира, ЕВН да реагира со инверторите во ноќните часови, рече заменик-министерот во одговор на пратеничко прашање од пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ.
Во раните утрински часови во неделата, неколку часа немаше електрична енергија во Кочани, Прилеп, Скопје, Гевгелија, Штип, Куманово…