Заминаа на пат без враќање: С. Македонија тагува по 45-те жртви oд страотната автобуска несреќа

од Берта Китинска

Знамињата во Северна Македонија и Бугарија се на половина копје и прогласени се денови на жалост. 45 загубени човечки животи и мноштво неодговорени прашања по страотната трагедија која се случи на автопатот кај бугарскиот град Перник во вторникот. Седум патници ја преживеаја несреќата, а причините за прераната смрт на останатите ќе ги истражуваат бугарските власти.

По трагедијата во Бугарија, се анализираат причините за сообраќајната несреќа и пожарот којшто го зафатил автобусот на агенцијата „Беса транс“. Првичните сознанија укажуваат дека возачот во еден момент изгубил контрола на патот, удрил во заштитната ограда, се слушнала експлозија, по што возилото изгорело најверојатно за 2-3 минути. Седуммина патници успеале да го скршат задното стакло на автобусот и да се спасат.

Несреќата се случи на автопатот Струма, кога патниците се враќале дома по неколкудневна прошетка во Истанбул. Во тек е и истрага која што ја води бугарското обвинителство, а во која ќе се вклучат и тимови од Северна Македонија. Крим-техничари од МВР, како и преставници на македонското обвинителство се во Бугарија во обид да се најдат одговори што ја предизвикало несреќата со голем број жртви и повредени.

Македонскиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, пред болницата „Пирогов“ во Софија, каде се сместени седуммина повредени патници, изјави дека се можни два фактори за несреќата – човечкиот фактор или, пак, техничката неисправност на возилото.

„Сите прашања се отворени. Впрочем затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за несреќата“, рече Јовески.

Автобусот на Беса Транс немал лиценца за меѓународен транспорт. По извршената проверка од МВР, констатирано е дека автобусот го немал соодветниот документ за вршење на меѓународен превоз на патници и дека на компанијата ќе и биде одземена лиценцата за работа, а ќе биде извршен и вонреден инспекциски наод.

„Соработуваме со надлежните, велат од компанијата, изразувајќу сочувство до семејствата на загинатите
По процесот на идентификација, организирано и достоинствено ќе бидат пренесени останките на загинатите, информираше министерот за надворешни работи на вечерната прес конференција. Воспоставени се директни линии на соработка на повеќе нивоа со бугарските власти во врска со несреќата“, посочи министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Слични содржини