Заминуваат ли Пригожин и Вагнер во историјата? „Русија сака да ги замени, но никој нема таква големина и борбена моќ“

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Руската државна телевизија започна очигледна кампања за дискредитација на шефот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, по неговиот неуспешен пуч кон крајот на јуни. Највлијателните државни канали презентираа, како што велат, фотографии направени при претресот на неговиот раскошен дом надвор од Санкт Петербург, тврдејќи дека богатството многу лошо се одразува на него. Исто така, се присетија на неговото криминално минато и сугерираа дека го водел алчноста. Сепак, не ја спомнаа упорната и честопати остра критика на Пригожин кон руската војска и начинот на кој воената команда ја води војната во Украина. Ова е првпат државната медиумска машинерија да известува за Пригожин толку опширно, со многу штетни детали од неговата биографија.

Пецо Трајкоски

Оттаму се поставува прашањето – дали е ова вистинскиот крај за Пригожин и Вагнер? Пецо Трајкоски од невладината организација „Центар за стратегиски истражувања и анализи“ во разговор за „Локално“ вели дека додека групата предизвика одредена штета, постојат индикации за потенцијално распаѓање на групата Вагнер, при што од борците кои не учествуваа во бунтот се бара да потпишат договори со Министерството за одбрана.

-Претходната директива на Путин за волонтерски единици да потпишуваат договори дополнително го поддржува овој развој на настаните. Кремљ, наводно, постигнал договор со Пригожин, давајќи му безбедносни гаранции и влијаејќи врз промените во руското воено раководство. Исходот од овие настани и идниот политички пејзаж останува неизвесен, но Западот треба да го гледа како можност, а не како причина за страв. Лично сметам дека можеби е сепак некаква наместена игра бидејќи ако пробуваш да го убиеш кралот подобро е да не промашиш, а овде имаме ситуација во која не само Вагнер и Пригожин се побунија туку најверојатно добија и одредени материјални отстапки од Русија, што укажува на некаква поширока стратешка игра, истакнува Трајкоски.

Како што вели, Русија би сакала да спонзорира и обучува нови алтернативни приватни паравоени компании да ја заменат групата Вагнер, со оглед на нејзината значајна улога во конфликтот во Украина.

-Сепак во моментов ниту една друга руска платеничка група не е блиску до големината или борбената моќ на групата Вагнер – и претпоставувам дека оваа доминација на Вагнер ќе продолжи извесен период, потенцира соговорникот.

На прашањето дали се очекува повторно активирање на Вагнер во Украина, Трајкоски оценува дека ќе се случи, бидејќи како што вели, Пригожин сеуште е во игра.

-Не е неочекувано да постигнат некаков договор за понатамошно делување и целата афера да се прикаже како заговор на западните служби против Русија. Во моментов Украина слабо напредува со контраофанзивата и тоа на Русија и дава одредена слобода, но сметам дека Вагнер секако ќе се врати на воените боишта во Украина, порачува експертот.

Околу тоа дали постои опасност по земјите-членки на НАТО од источното крило по веста дека „Вагнерци“ се присутни во Белорусија, Трајкоски анализира дека земји како Естонија и Полска изразуваат загриженост за потенцијалното преместување на платеничката група.

-Тие го гледаат можното присуство на Вагнер во Белорусија како потенцијална закана за сојузниците од источното крило на НАТО. Сепак, сметам дека групата не претставува директна опасност за земјите од НАТО бидејќи и досега Русија се обидува да избегне судир со членките на НАТО и нема да дозволи конфликт кој не им одговара, заклучува соговорникот.

Н.П.

Слични содржини