Зголемувањето на минималната плата на 600 евра би предизвикало затворање на голем број занаетчиски дуќани и отпуштање на вработени, предупреди денеска Занаетчиска комора Скопје.
Од Комората истакнуваат дека не се против раст на минималецот, но нагласуваат дека тој мора да се утврдува во согласност со законските одредби и врз основа на реална економска анализа. Според нив, евентуалното зголемување на 600 евра би значело драстично зголемување на трошоците за придонеси, што занаетчискиот сектор не може да го издржи.
„Занаетчиите не можат да го следат ова темпо на континуирано зголемување на трошоците. Особено е тешка состојбата во помалите градови и руралните средини, каде што има силна миграција и значително пониска побарувачка за занаетчиски услуги“, изјави претседателот на Комората, Горан Ристовски, на денешната прес-конференција.
Тој предупреди дека, за да опстанат и да ја зачуваат ликвидноста, занаетчиите ќе бидат принудени да ги зголемат цените, што дополнително ќе ја намали побарувачката и ќе доведе до затворање на многу бизниси.
Според Ристовски, најдиректно ќе бидат погодени занаетчиите кои плаќаат паушален данок по решение од Управа за јавни приходи, како и оние кои данокот го плаќаат според реално остварен приход.
Во Скопје, како што посочи тој, работат над 2.300 занаетчии, додека на ниво на државата нивниот број е близу 8.000. Недостиг на работна сила е присутен во сите сектори, но како позитивен сигнал Ристовски ја посочи зголемената заинтересираност на младите за дуалното образование.