Занаетчиската комора Скопје: Јавниот повик за подршка на занаетчиите има нови и прв пат воспоставени критериуми кои еснафот не може да ги исполни

од Vladimir Zorba
151 прегледи

Мал и речиси незначителен  е досегашниот интерес  на занаетчиите за  јавниот повик за нивна подршка кој предвидува рефундирање на 40% од веќе потрошените средства за набавка на машини или дизајн на нов производ. Ваквата можност  оваа година за разлика од претходните, е обременената со низа ограничувања поради што претставува ненадминлива пречка за најголемиот број занаетчии.

„За прв пат се искчлучени  занаетчиите кои со Решение од Управа за јавни приходи паушално го плаќаат данокот од личен доход. Овој услов значително ќе го намали бројот на апликантите од причина што е голем бројот на занаетчии кои се паушално оданочени и кои во текот на минатата година или оваа година, купиле нов алат/опрема со цел да аплицираат на повикот, но немаат можност“, изјави за „Локално“Елена Љамова од Занаетчиската комора Скопје.

Како дополнителен проблем Љамова го посочува фактот дека  во повикот е наведена само можноста за поврат на веќе потрошени средства за набавка на машини или дизајн на нов производ, односно  исклучена е можноста занаетчиите да аплицираат за уредување на просторот.

Ваквото ограничување за неа е неразбирливо бидејќи поголемиот дел од занаетчиите остваруваат минимални приходи, кои како што вели,  едвај им стигнуваат да ги покријат давачките за придонеси, даноци, кирии, режиски трошоци и заради тоа не се во можност да вложуваат во набавка на нова опрема или да го уредат просторот.

До истекот на јавниот повик за поддршка на занаетчиите кој предвидува субвенционирање со 40% од докажаните трошоци има уште 2 месеца. Дали веќе уште сега имате сознанија за процентот на интересот?

Елена Љамова

Елена Љамова

-Јавниот повик за рефундирање 40% од веќе потрошените средства за набавка на машини или дизајн на нов производ е повик кој што секоја година се објавува од страна на Министерството за економија на РСМ за финансиска помош на занаетчиите и вршителите на занаетчиска дејност запишани во Занаетчискиот регистар. Ние како Занаетчиска комора Скопје, во која се регистрираат и запишуваат занаетчиите и вршителите на занаетчиска дејност со деловно седиште на територија на Град Скопје, по објавувањето на повикот ги известивме нашите членови за условите за аплицирање и им помагаме со цел полесно да ги извадат потребните документи од надлежните институции кои се бараат во повикот. Сепак од досегашниот одзив сметаме дека процентот на заинтересираните занаетчии и на оние кои ги исполнуваат условите да аплицираат е емногу мал, за разлика од претходните години.

Колкав дел од нашите занаетчии можат да ги исполнат условите во јавниот повик, и генерално дали критериумите според Вас , одговараат на актуелната состојба во којашто се наоѓаат поголемиот број од нив?

-За разлика од повиците од претходните години, со овој јавен повик за прв пат се исклучени занаетчиите кои со Решение од Управа за јавни приходи паушално го плаќаат данокот од личен доход. Сметаме дека овој услов значително ќе го намали бројот на апликантите од причина што голем е бројот на занаетчии кои се паушално оданочени и кои во текот на минатата година или оваа година, купиле нов алат/опрема со цел да аплицираат на повикот, но немаат можност.

Освен тоа, во повикот е наведена само можноста за поврат на веќе потрошени средства за набавка на машини или дизајн на нов производ. Исклучена е можноста занаетчиите да аплицираат за уредување на просторот, што исто така сметаме дека треба да се дозволи, со цел финансиски да бидат поддржани и за обновување на работниот простор. Поголемиот дел од занаетчиите остваруваат минимални приходи, кои едвај им стигнуваат да ги покријат давачките за придонеси, даноци, кирии, режиски трошоци и заради тоа не се во можност да вложуваат во набавка на нова опрема или да го уредат просторот и затоа треба да бидат финансиски поддржани за тоа. Мала помош за нив би значело многу.

Состојбата во секторот занаетчиство одамна не е розова, па оттука и прашањето дали досегашните форми на субвенции во изминатите години успеваат барем делумно да ги надминат напластените проблеми?

-Занаетчиите за жал сеуште се опоравуваат од кризата предизвикана од covid-от, финансиската поддршка со исплатата на платите која беше за време на covid-от многу им значеше од причина што голем дел од нив во тој период не работеа или остваруваа минимални приходи кои не ги покриваа ни оние месечни давачки према државата. Намалувањето на комуналната такса за 50% исто така им ги намали трошоците што значи во таква ситуација.

Сепак сметаме дека треба уште поголема помош и поддршка на занаетчиството со цел да застане на здрави нозе од причина што занаетчиството и тоа како е значаен дел од економскиот раст на државата.

Кои бизниси во рамки на занаетчиството се на раб на гаснење и кои се основните причини?

-Најмногу замираат занаетите за кои нема заинтересираност на младите да ги научат со цел тоа да биде нивна професија и извор на егзистенција. Голем дел од занаетчиски дејности кои постоеле како семејна традиција исто замираат зошто нема кој да го наследи. Исто така замираат и занаетите за чиишто производи или услуги веќе нема побарувачка, како грнчар, свеќар, шапкар, копчар, крзнар, ковач, јорганџија, папуџија, саатчија итн.

Повторно се актуелизира дилемата околу можноста за работа во недела. Малите знаетчии веќе неколкупати до сега предочија дека трпат штета поради заклучените врати на нивните дуќани, па оттука и прашањето дали сметате дека овој пат ќе дојде до смена на работите? 

-Со донесувањето на измените во законот за недела како неработен ден, многу од занаетчиите се соочија со намалување на обемот на работа од една страна, а со тоа и помали приходи од друга страна. Сметаме дека прогласувањето на неделата како неработен ден предизвика сериозна штета кај занаетчиите. Занаетчиите кои дејноста ја вршат сами и немаат други вработени сметаме дека треба да им се дозволи да вршат дејност и во недела од причина што не експлоатираат други вработени.

К.В.С.

Слични содржини