Руските пратеници денеска гласаа за серија амандмани на Кривичниот законик со кои се зголемуваат казните наменети за потиснување на противниците на владата, а еден од нив воведува доживотен затвор за „велепредавство“.
Државната дума, долниот дом на рускиот парламент, гласаше за казнување на оние кои „помагаат во спроведувањето на одлуките на меѓународните организации“ кои Русија не ги признава.
Оние кои ќе ја прекршат одредбата, која се чини дека е насочена кон Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин во март, или оние кои им помагаат на „странските владини организации“, пренесува Бета, ќе бидат казнети до пет години затвор.
Според руската организација за човекови права ОВД-Инфо, тој широк член од законот би можел да ги таргетира и оние кои „го олеснуваат извршувањето на судските одлуки и истрагата за воените злосторства“, бидејќи руските трупи во Украина се обвинети за тоа.
Максималната казна за „велепредавство“ е зголемена од 20 години на доживотен затвор.
Во понеделникот, рускиот суд го осуди опозицискиот активист Владимир Кара-Мурза на 25 години затвор за „велепредавство“.
Кара-Мурза (41) беше обвинет за велепредавство, ширење „лажни“ информации за руската војска и здружување со „непожелна организација“.
Усвоените амандмани, исто така, ги зголемуваат казните за злосторствата поврзани со тероризам, за кои понекогаш се вели дека имаат за цел да ја потиснат опозицијата.
Терористичкиот напад сега се казнува до 20 години, соучесништво до 12 години и поддршка на терористички активности до пет години затвор.
Казната за создавање терористичка организација е до 15 години, а за саботажа до 20 години затвор.
Од почетокот на офанзивата против Украина, на крајот на февруари минатата година, руските власти ги репресираат критичките гласови дома.
Речиси сите главни противници на Кремљ се зад решетки или во егзил во странство.