Западен Балкан повторно во фокусот на НАТО: „Русија се обидува да посее раздор“

од Stefanija Kuzmanovska
295 прегледи

На нивниот дводневен состанок во Брисел, министрите за надворешни работи на членките на НАТО ќе разговараат и за ситуацијата на Западен Балкан, каде што има „малигни обиди за сеење раздор, вклучително и од Русија“, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Ќе разговараме и за ситуацијата на Западен Балкан, каде што гледаме сецесионистичка реторика која носи раздор во Босна и Херцеговина и малигни обиди за сеење раздор, вклучително и од Русија“, рече Столтенберг на прес-конференција пред дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, која започнува во вторник во Брисел.

Генералниот секретар го спомена и сериозното насилство на северот на Косово.

Тој додаде дека министрите ќе разговараат со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, за тоа како да се зајакне стабилноста во регионот.

„НАТО веќе испрати дополнителни илјада војници на Косово и размислуваме за потрајно зголемување на нашиот мировен контингент“, рече Столтенберг.

Нагласи дека Србија и Косово мора повторно да се вклучат во дијалогот под покровителство на ЕУ.

„Стабилноста зависи од тоа дали сите страни ќе изберат дијалог и дипломатија наместо конфликт и хаос“, додаде генералниот секретар на НАТО.

Слични содржини