Западните сили ја пречекаа заладено донекаде изненадувачката победа на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на парламентарните избори во вторникот. Тие го повикаа “јастребот” Нетанјаху, кој во пресрет на гласањето се изјасни против создавање палестинска држава, да ја потврди посветеноста со блискоисточниот мировен процес.

JUD

Франција апелира Израел да покаже одговорност и се прогласи за продолжување на мировните преговори со Палестинците со цел решавање на конфликтот на основата на соживот на две држави.
“Само создавањето на една одржлива и суверена палестинска држава, постоечка во мир и безбедност заедно со Израел, ќе овозможи да бидат гарантирани мирот и просперитетот на Блискиот Исток”, истакна француското Министерство за надворешни работи во коминике, цитирано од АФП.

Белата куќа го критикуваше Нетанјаху дека се откажал од својата посветеност во поддршка на создавање палестинска држава, пренесоа агенциите. Американското Претседателство го обвини уште израелскиот премиер дека предизвикал поделеност во земјата со своите искази против арапското малцинство.

Слични позиции изразија Европската унија и Велика Британија, посочува АФП. Тие го поздравија Нетанјаху за победата, но повикаа на решавање на израелско-палестинскиот конфликт врз основа на соживотот на две држави.

ОН изрази очекување Израел да продолжи да работи за создавање на палестинска држава, иако премиерот е реизбран откако го вети спротивното, пренесе Ројтерс, цитирајќи го портпаролот на генералниот секретар на светската организација Бан Ки-мун Фархан Хак.

Тој го повика Израел да прекине со нелегалното градење во окупираните палестински територии. Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека ќе соработува со секоја израелска влада, која ќе го прифати постоењето на палестинска држава рамо до рамо со Израел.

Израелскиот постојан претставник во ОН Рон Просор меѓувреме ја утврди својата земја како единствената демократија на Блискиот Исток, пренесоа агенциите. Тој ги отфрли критиките на портпаролот на Бан Ки-мун Фархан Хак, кој рече дека создавањето на една одржлива палестинска држава е услов за зачувување демократијата во самиот Израел.

Слични содржини