Запалена шведската амбасада во Багдад, бунт поради најавата за палење на Куранот (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
262 прегледи

Шведската амбасада во Багдад била запалена рано утринава за време на демонстрации организирани од приврзаниците на верскиот лидер Моктада Садр, јави агенцијата „Франс прес“ од местото на настанот, додавајќи дека инцидентот се случил пред протестот во Шведска каде што било планирано да биде запалена копија од Куранот.

Од зградата на шведската амбасада се крева чад, додека пред нив се распоредени полициски сили кои со водени топови протеруваат неколку десетици демонстранти.

Шведското министерство за надворешни работи соопшти дека персоналот на амбасадата е безбеден.

„Свесни сме за ситуацијата. Нашиот персонал во амбасадата е безбеден и министерството е во редовен контакт со нив“, соопшти шведското министерство.

Во Багдад неколку камиони за цивилна одбрана се на терен за да го изгаснат пожарот.

Полицијата со водени топови и електрични палки ги протерува демонстрантите, кои одговараат со фрлање камења кон нив, додаде „Франс прес“.

Во текот на ноќта, некои демонстранти во близина на шведската амбасада мавтаа со копии од Куранот, други мавтаа со портретите на Мохамед ал-Садр, влијателниот шиитски свештеник и татко на Моктада Садр.

Упадот во амбасадата во Багдад уследил откако шведската полиција одобрила за денеска собир во Стокхолм. Организатор е Салван Момика, ирачки бегалец во Шведска, кој планира да запали копија од Куранот и ирачкото знаме пред ирачката амбасада.

Ирачкото министерство за надворешни работи го осуди палењето на шведската амбасада во Багдад рано утринава, повикувајќи ги безбедносните сили да отворат „итна истрага“.

„Ирачката влада им нареди на надлежните безбедносни служби да спроведат итна истрага и да ги преземат сите неопходни мерки за расветлување на околностите на инцидентот и откривање на сторителите со цел да се изведат пред лицето на правдата“, се вели во соопштението.

Салван Момика веќе запали неколку страници од копија од Куранот на 28 јуни пред најголемата џамија во Стокхолм за време на Курбан Бајрам, празник што го слават муслиманите ширум светот.

Тој инцидент ги натера приврзаниците на верскиот водач и политичар Моктада Садр да упаднат во шведската амбасада во Багдад на 29 јуни. Влегоа и останаа таму неколку минути пред да излезат.

Слични содржини