Денеска во утринските часови во Куманово, изгорел и автомобил на јавен обвинител каде според првите неофицијални информации, непознатите лица користеле опрема за блокирање на околните камери, со цел да не биде снимен моментот на палењето.
Според информациите, станува збор за возилото на обвинителот Џелал Бајрами.
Се огласија и од Јавното обвинителство. Извршен е увид од страна на надлежен јавен обвинител на локациите каде синоќа биле опожарени два автомобила и една деловна просторија.
– Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видео надзор, информираа денеска од Јавното обвинителство.
Бајрами е поранешен министер за труд и социјална политика и заменик-министер за внатрешни работи кој стана јавен обвинител во републичкото обвинителство во 2016 година.
Ова е уште еден случај на опожарување во градот, откако утрово била опожарена и фотокопирницата на Фитор Јакупи, советник на ДУИ во општина Куманово. Тој самиот го потврди овој настан на социјалната мрежа Фејсбук. Нема повредени лица и причинета е материјална штета.