57
Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи во заедничка акција со Царинската управа заплениле поголема количина на дрога на граничниот премин „Богородица“. Според информациите, синоќа биле спроведени поголеми контроли, при што бил фатен камион со македонски регистарски таблички кој бил натоварен со отпад од рециклирана хартија, каде што била пронајдена дрогата.
Неофицијално се дознава дека камионот во Македонија влегол од Косово, требало да патува преку Грција, а крајна дестинација била Турција.
Екипи на полицијата и на Царина на „Богородица“ и понатаму вршат детални проверки на камиони.
Повеќе детали за акцијата се најавуваат во текот на денот, меѓу кои и за точната количина на запленета дрога.