Започна изградбата на нова спортска сала во ООУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци

од Vladimir Zorba
239 прегледи

Во ООУ „Кирил и Методиј“ во село Стајковци денеска започна изградба на нова спортска сала, што ќе се простира на површина од 430 метри квадратни. За изградба на салата се издвоени 17 милиони денари од буџетот на Општина Гази Баба.

Премиерот Зоран Заев при увидот на почетокот на градежните работи, истакна дека Основното училиште „Кирил и Методиј“ за прв пат по 40 години добива спортска сала. – Општина Гази Баба во непосредна комуникација и соработка со своите граѓани ги препознава нивните приоритети и навистина посветува искрено внимание за финансиска и секоја друга поддршка преку стотици проекти што се остваруваат во соработка со централната власт или самостојно во рамките на своите програми за работа и својот локален општински буџет, нагласи Заев.

Премиерот наведе дека денес промовираат проекти кои се од посебен интерес за младите, за учениците од Стајковци и другите населени места во Општина Гази Баба.

– Се радуваме сите на старот на изградбата на една таква иницијатива, а тоа е изградба на спортска сала во основното општинско училиште „Кирил и Методиј“. Кога ќе биде завршена оваа сала ќе остане само она сеќавање на учениците од ова основно училиште како ја држеа наставата по физичко во пренаменети училници или ретко во топлите денови надвор. Со овој капитален проект конечно се решава овој проблем и учениците добиваат спортска сала со сите стандарди, потенцираше премиерот.

Градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски рече дека да не бил предизвикот со ковид-пандемијата спортската сала ќе била започната да се гради уште минатата година.

– Досега учениците од ова училиште немаа спортска сала, а наставата ја одржуваа во самите училници. Со посветена работа подготвивме проект и обезбедивме средства од буџетот со што децениската желба станува реалност. Училишната спортска сала е на површина од 430 квадратни метри, во неа ќе може да се игра кошарка, ракомет, мал фудбал, одбојка пинг-понг и гимнастички спортови. Располага со две соблекувални и помошен простор, а вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 17 милиони денари, средства на Општина Гази Баба, нагласи Георгиевски.

Тој посочи дека изготуваат и проект за изградба на нова спортска сала во училиштето „Наум Охридски“ во Булачани.

– На овој начин ја исполнуваме нашата цел сите основни училишта во општина Гази Баба да имаат спортски училишни сали, заклучи градоначалникот на Општина Гази Баба.

Слични содржини