Започна преместувањето на мигрантите од преполниот центар во Холандија

од Stefanija Kuzmanovska
171 прегледи

Холандските власти преместија 150 мигранти од преполниот центар за баратели на азил во североисточниот дел на земјата во две спортски сали во центарот на градот Апелдорн, откако некои од нив останаа на отворено во екстремни временски услови.

Градот Апелдорн денеска соопшти дека обезбедил привремено сместување за олеснување на кризата и дека барателите на азил ќе бидат преместени на друга локација по четири дена, пренесува АП.

Стотици мигранти спијат на отворено во лоши услови, недалеку од малото село Тер Апел, бидејќи тамошниот центар за азил е преполн за да ги прими, што се споредува со преполни мигрантски кампови на грчките острови.

Холандскиот министер задолжен за прашањата за миграција и азил, Ерик ван дер Бург, пред денешната владина седница изјави дека голем број општини изразиле подготвеност да помогнат, но дека тоа не е доволно за да се испразни импровизираниот камп пред центарот за азил до вечерва.

Ситуацијата е толку лоша што холандскиот огранок на Лекари без граници испрати тим таму во четвртокот, првпат откако агенцијата започна мисија во Холандија, според АП.

Тримесечно бебе почина оваа недела во центарот Тер Апел, а властите ги истражуваат причините за смртта.

Во четвртокот, двајца мажи беа однесени во болница, еден по срцев удар и друг чиј дијабетес не се лекувал со недели, додека ја преминувале Европа за да стигнат до Холандија, пренесе АП.

Повеќето од луѓето кои пристигнуваат во Тер Апел се Сиријци кои бегаат од граѓанската војна во својата земја, пренесува американската агенција.

Слични содржини