Започна проектот „Цел Центар на точак”, општината повикува да се аплицира за субвенција до 3.000 денари

од Nikola Popovski
18 прегледи

Општина Центар распиша Јавен повик за доделување на поединечни субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди, е-тротинети и дополнителна опрема. Центарци ќе можат да добијат субвенција од 30% од цената на превозното средство, но најмногу до 3.000 денари, како и субвенција за дополнителна опрема (детски седишта и кациги) до 1.000 денари.

Градоначалникот Горан Герасимовски, ги повика жителите на Центар да го искористат овој повик и да изберат алтернативен, еколошки превоз. Тој информира дека повикот е отворен од 24 март 2025 година, а барањата ќе се обработуваат по принципот „прв дојден, прв услужен”.

„Возењето велосипед не е само начин на превоз, туку и здрав животен стил. Со секој поминат километар со велосипед или е-тротинет, придонесуваме за почист воздух, помалку метеж и поздрав живот. Нашата цел е да го поттикнеме користењето на овие превозни средства и да изградиме модерна, одржлива општина. Ги повикувам центарци да аплицираат за субвенција и да придонесеме за помал сообраќаен метеж во централното градско подрачје. Поддржуваме здрави и одржливи транспортни навики”, истакнува Герасимовски.

Заинтересираните граѓани треба да поднесат барање со потребна документација: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка во оригинал и истата да ја достават во архивата на Општина Центар, барака бр.6, од 09.00 до 15.00 часот. Правото на субвенција е еднократно.

За повеќе информации, граѓаните можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-693 или да ја посетат веб-страницата centar.gov.mk: https://www.centar.gov.mk/?p=24738.

Слични содржини