Започната постапката за изградба на спомениците на загинатите бранители кај Љуботенски бачила, Карпалак и Вејце

од Nikola Popovski
172 прегледи

Министерството за одбрана ја почна постапката за изградба на спомениците на загинатите бранители во месноста Љуботенски бачила, на Карпалак и во Вејце.

-Со оглед на обидот на градоначалниците на општините до кои беше поднесена иницијативата да ја политизираат оваа иницијатива, министерката за одбрана Славјанка Петровска, сакајќи да се зачува ликот, делото и жртвата на загинатите бранители, започна со постапка за која не е потребна согласност од општините, а ќе овозможи изградба на овие споменици на споменатите локации, соопштија денеска од МО.

Со заклучок на седницата на Владата одржана на 28 септември, како што појаснуваат од Министерството за одбрана, Владата ги задолжила Министерството за одбрана и надлежните институции, местата на кои загинале македонските бранители да бидат доделени на Министерството за одбрана.

-Постапката е веќе започната и е во тек, велат од министерството.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска на 8-ми август информираше дека ќе испрати барање до општина Желино да биде дозволено изградба на споменик за загинатите бранители кај Карпалак. Заседата кај Карпалак донесе дополнителна неизвесност на конфликтот во 2001-та. Трагичниот настан се случи во моменти кога се преговараше Рамковниот договор и кој го стави неговото потпишување под знак прашалник.

Припадници на Армијата кои во 2001 година го загубија својот живот кај месноста Карпалак на патот Скопје – Тетово беа Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

Слични содржини