Започнува вакцинацијата со „Фајзер“

од Берта Китинска
274 прегледи

Во понеделникот пристигнаа десет илјади и 530 дози од вакцината „Фајзер“.

Вакцините од денеска ќе бидат распределени по вакциналните пунктови во државата, каде се одвива вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација.

Ќе се вакцинираат повозрасните граѓани над 73 години и имунизацијата ќе продолжи согласно Националниот план за имунизација, каде се предвидени хронично болните во приоритетниот распоред согласно старосната група во која припаѓаат.

С.Македонија ќе добие 119 илјади вакцини на Фајзер од ЕУ

На 28 април во земјава ќе стигнат 200 илјади кинески вакцини, а уште 10 илјади вакцини „Фајзер“ на 26 април.  Преку Ковакс-механизмот 76.000 дози на „АстраЗенека“ би требало да стигнат до крајот на месецов. Вакцините преку трипартитни договори со Европската Унија се очекуваат на почетокот на мај.

Австрија објави дека почнувајќи од мај до август ќе испорача 651.000 дози од вакцината на „Фајзер-Бионтек“ во шест земји од Западен Балкан, како дел од механизмот на Европската Унија за помош на соседните земји и Африка.

Најголем дел од вакцините се наменети за Босна и Херцеговина – 214 илјади дози, додека во Северна Македонија се очекува да пристигнат 119 илјади вакцини. Во Албанија треба да бидат испорачани 145 илјади, во Косово 95 илјади, Црна Гора ќе добие 42 илјади вакцини, а со планот е опфатена и Србија каде ќе бидат дистрибуирани 36 илјади вакцини.

Досега се вакцинирани 41.421 лица, додека 182.250 граѓани досега изразиле интерес да се вакцинираат.

Слични содржини