Ванг Гуангџун и Џанг Ренбо, двајца кинески државјани заробени од украинските сили во регионот на Доњецк, тврдат дека Русија ги хранела со лаги за вистинската сила на нивните војници.
„Русија не е толку силна како што тврдат, а Украина не заостанува како што велат“, изјавиле двајца кинески државјани на конференција пред украинските медиуми, пренесe The Sun.
Да потсетиме, украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела изјави дека украинската армија ги заробила Гуангџун и Ренбо во Доњецк. Тој објави и видео на кое се гледа како Украинците ги испрашуваат. „Тоа беше моето прво борбено искуство. Ми дадоа АК-47, а претходно никогаш не сум држел оружје“, се слуша како вели Ренбо на видеото.
Најпрво Зеленски побара од Пекинг да објасни како е можно кинески војници да се борат за Русија, но Ренбо и Гуанџун појаснија дека тие не се борат во име на Кина, ниту имаат врска со кинеските државни органи. Гуанџун рече дека бил регрутиран од Русите преку оглас на социјалната мрежа ТикТок.
Откако минатото лето остана без работа, Ванг Гуанџун бил искушуван од платата – Русите му ветувале од 1.750 до 2.920 евра месечно. Му рекле и дека ќе му ги покријат патните трошоци и ќе му помогнат да ја добие потребната документација. Тој рече дека патувал со различни автобуси и минибуси од Казан во југозападна Русија, преку Ростов на Дон, па сè до источниот регион на Доњецк, каде заедно со Ренбо се пријавиле во војска. Вели дека ветената плата никогаш не му била пуштена на сметка, а Русите му ја одзеле банкарската картичка и мобилниот телефон.
Двајцата борци тврдат дека биле заробени од Украинците во Доњецк веднаш по пристигнувањето на фронтот. Додаваат дека не убиле ниту еден украински војник. Тие ги опишаа и лошите услови во руските кампови, каде што нема вода и струја. Тие наведуваат дека за храна им давале само „сиров ориз“.
Гуангџун истакнува дека бил цел на руско хемиско оружје откако Украинците го заробиле. „Почувствував како да губам сила и да се онесвестувам. Потоа почувствував дека некој ме фати за јака и ме извлече на чист воздух. Украинските војници не штитеа и добро се однесуваа со нас“, рекол заробениот војник.
Иако се соочуваат со казна по враќањето во татковината, и двајцата сакаат да се вратат кај своите семејства.
„Разбирам дека казната е можна и подготвен сум за тоа, бидејќи е јасно дека има последици за учество во војна и слични акции. Сепак, сакам да се вратам кај моето семејство. За оние кинески сонародници кои сакаат да се приклучат на војната против Украина, само сакам да кажам – немојте“, советува Гуангџун.