Засега не може да се смени полициската структура во ОВР Гостивар, вели премиерот за инцидентот во Врапчиште

од Nikola Popovski
426 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски го повтори ставот дека не треба да се игра на етничка и верска карта бидејќи, како што вели, тоа е картата на криминалците кои што изминатите години печалеа на грбот на народот, ќе се обидат да предизвикаат нестабилност.

За случувањата со црквата во село Галате и вчерашното апсење во зградата на општина Врапчиште, вели дека се изолирани инциденти кои што ќе следат и понатаму.

-Владиката и жителите на селото се оградуваат од ваквите инциденти. Она што е интересно е дека на социјалните мрежи, излегоа слики на едно од лицата и се гледа во друштво на политички активни ликови. Ако се земе во предвид политичката поддршка на градоначалникот во општина Врапчиште, но и се уште полициската структура во ОВР Гостивар, тогаш лесно ќе се дојде до заклучокот дека ова е дел од фолклорот што се подготвува за сеење етничка и верска нетрпеливост и обид за дестабилизација. Не можеме како Влада, имајќи ги во предвид последните измени во Законот за полиција и работа на МВР, да се случат промените во раководните структури, бидејќи се лимитирани на 5 години искуство на висока полиција. Вие знаете седум години кои беа кај нас во Влада…Ќе мора во следните 2-3 месеци да се случи измена на Законот, за да дојде до измена на раководните структури, за да можеме реално да ја контролираме ситуацијата, рече Мицкоски на прес-конференција во Владата.

Тој е дециден дека „не треба да се има дилема дека корумпираните политички елити од минатото, ќе се обидат преку центрите на влијание во секакви институции, да создаваат етнички конфликти и тензии“.

-Ние ја контролираме ситуацијата, брзо се реши и ова. Самите жители на село Галате го отфрлија сето ова, како и владиката на Гостиварско-полошката епархија. Мораме да одиме напред и да се бориме да одиме напред, додаде премиерот.

Слични содржини