Американскиот Стејт департмент соопштил дека во моментов нема најава дека специјалниот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар би можел да ја посети Србија по православниот Божиќ.
Ова било соопштено за српската новинска агенција Танјуг на прашањето дали Ескобар следната недела ќе го посети официјален Белград.
Претходно денеска од Стејт департментот соопштиле дека Дерек Шоле, висок советник во американскиот Стејт департмент, засега нема да допатува во регионот на Западен Балкан.
-Во моментов немаме најави за патување – било одговорено на прашањето дали Шоле наскоро ќе ги посети земјите од Западен Балкан.
Шоле кон средината на декември потврди дека ја одложува посетата на Балканот, а во тие рамки и на Северна Македонија, за по Нова Година, поради позитивен резултат на ковид-тест.
-Жалам што морам да го одложам моето патување на Балканот и во Брисел поради позитивен тест на Ковид-19. Ќе останам ангажиран по сите прашања во однос на регионот на Балканот, и со нетрпение очекувам патувањето да го направам на почетокот од наредната година, напиша тогаш Шоле на Твитер.